Не сакате да бидете здодевна трудница која се плаши од секоја најмала промена, но воедно, не смеете да си дозволите да ги игнорирате проблемите кои можат да се појават. Проблеми се случуваат. Бременоста може да биде тешка, ментално и физички. Не само што се менува вашето тело на многу начини, туку секоја поинаква промена, која отстапува од она кое е зацртано како нормален тек на бременоста, може да ве испаничи и загржи дека нешто не е во ред. Постојат неколку симптоми за кои морате да се консултирате со вашиот лекар.

 

Екстремно повраќање

Во повеќе случаи утринските мачнини се здодевни, но не и опасни. Сепак ако исфрлате повеќе течности и храна отколку што внесувате или ако не уринирате, лекарот мора да знае. „Ова може да доведе до дехидратација, која не е добра за вашето бебе“ – велат стручњаците. Исто така може да биде знак дека страдате од hyperemesis gravidarum - екстремни утрински мачнини кои можат да траат во текот на целата бременост. Исто така консултирајте се со лекарот ако не можете да ја задржите храната во себе два дена, ако мислите дека имате труење од храна или повраќањето е пропратено со температура која е поинтензивна во вечерните часови. Во овие случаи можно е да бидете хоспитализирани и да добиете инфузија.

Интензивна болка во стомакот

Ако сте помалку од 12 недели бремена и чувствувате остри болки на едната страна од стомакот, а сè уште не сте биле на преглед со ултразвук, вашиот доктор може да се посомнева на ектопична (вонматерична) бременост. Подоцна, во текот на бременоста, ако се појават болките, консултирајте се со лекарот, бидејќи причината може да бидат од контракции до воспаление на слепото црево.

Протекување на млаз течност или контракции

Ако сте при крај на бременоста, протекувањето на голема количина вода, може да значи дека ви е пукнат водењакот, па веднаш треба да се упатите во болница. Но ако почувствувате истекување на млаз течност било кога пред 37-та недела, веднаш јавете му се на лекарот. Може да биде знак дека е пукнат водењакот и е започнато предвремено породување. Сепак не се сомневајте во најлошото. „Многу жени мислат дека водењакот е пукнат порано, а се случило бебето да ги клоцне силно и да го притисне мочниот меур, па тие само испуштаат урина“ – објаснуваат стручњаците. Контракциите се уште еден знак дека почнува породувањето. Ако сте 24 – 36та недела и ги почувствувате, јавете се итно кај лекарот. Иако е можно да се безопасните Бракстон-Хиксови контракции, подобро лекарот да ве прегледа и да бидете сигурни.

Крварење

Било кога да ви се појави крварење, морате да се консултирате со лекарот. „Во второто или третото тромесечие, крварењето може да значи дека е одделена плацентата или постои друг проблем, кој може да се дијагностицира само со ултразвучен преглед„- објаснуваат лекарите. Но, сепак не треба да паничите. Кај некои жени се случува во првите 12 недели да се појавува слабо крварење, кое не значи дека е почнат спонтан абортус.

Долготрајна главоболка и отоци по цело тело

Ако имате главоболки во првото тромесечие или пак страдате константно од мигрени, најверојанто не е ништо страшно. Ако во тек на целата бременост продолжи појавата на отоци по зглобовите, најверојатно задржувате течности во телото. Но, ако наеднаш се појави силна и долготрајна главоболка во второто или третото тромесечие и сето тоа е пропратено со големи отоци по лицето и рацете, кои никако не се намалуваат, можно е причината да е прееклампсија (висок крвен притисок во бременоста) која е опасна и бара лекарска помош веднаш. Друг можен знак за прееклампсија кој морате да му го кажете на лекарот е ако забележите дека видот ви станува заматен.

Слаби движења на фетусот

Ако не го чувствувате бебето да се движи и да клоца еден час, нема потреба од паника. Напијте се чаша сок (шеќерот во сокот ќе предизвика да се покачи нивото на шеќерот во крвта на бебето и ќе почне да клоца), а потоа легнете на левата страна во тивка соба, половина или еден час. „ Ако не изброите три до четири движења во тек на тоа време, јавете му се на лекарот„ – советуваат лекарите. Вообичаено тоа не значи ништо, само бебето е мирно, но докторот можеби ќе ви предложи да направите стрес тест или пак ултразвук, за да бидете сигурни дека нема проблем.

 

 

Најново на форумот

  • No posts to display.