Голем број жени денес инсистираат на царски рез и кога тој не е неопходен. Пред да донесете одлука, треба да ги знаете сите предности, но и недостатоци од овој вид породување. Многу идни мајки додека размислуваат за породувањето, на прво место секако ја ставаат безбедноста  на своето бебе. Од таа причина често пати природното породување изгледа несигурно, од причина што шесто се слушаат разни негативни искуства од други мајки, па изборот паѓа на царскиот рез. Некои ќе ви предложат породување со царски рез, бидејќи е помалку трауматичен за бебето. Ние ви ги носиме во текстов предностите и ризиците од царскиот рез, а изборот е ваш.

Ризици за бебето

За разлика од ситните бебиња, кај крупните има поголем ризик од компликации во тек на породувањето. Секој акушер е подготвен да изведе царски рез, ако во тек на породувањето се покаже дека е неопходно. Во тек на породувањето со ЦР, поголема е можноста да се јават респираторни проблеми, дури и кога е планиран зафат. Ризикот се зголемува доколку се прави зафатот пред 39-та недела од бременоста. Медицинските стручни лица, дури и некои мајки, веруваат дека и ако е успешно изведен ЦР може да го оневозможи доењето. Исто така изостанува и воспоставувањето на првиот и најважен контакт меѓу мајката и бебето по породувањето, бидејќи следи повеќечасовна одвоеност поради дејството на анестезијата. Примената општа анестесија кај некои жени може да предизвика застој во доаѓањето на млекото, а голем број од нив не можат да го дојат бебето поради интензивните болки, кои се неизбежни по секој хируршки зафат, па и овој.

Предности за бебето

Факт е дека вагиналното породување е непријатно за бебето и дека во тек на ова породување постои ризик од повреда на главата, уште повеќе во случаи кога бебето е потешко од четири килограми. Тогаш најчесто се користи форцепс или вакуум метод, што може да доведе до повреди на главата, но во ретки случаи. Поради тоа акушерот ќе ви предложи царски рез доколку вашето бебе е потешко од 4 кг, ако е карлично поставено или бременоста е повеќеплодна – близначка. Доколку не ви предложи, а знаете дека еден од овие фактори е застапен во вашата бременост, прашајте го за мислење, како е најдобро да се породите.

Ризици за мајката

За разлика од природното породување, царскиот рез е хируршки зафат кој се одвива под општа (или локална) анестезија, а не треба да се занемари ни постоперативното закрепнување, ниту можноста за појава на компликации. За среќа денес овие ризици се сведени на минимум, но сепак не треба да се исклучи можноста од појава на крварење, инфекции и оштетување на абдоминалните органи (матка, црева, бешика). Почесто се случува кај жените кои се породиле со ЦР, појава на крварење и инфекции во утерусот, од оние кои се породиле природно. Но, најмногу компликации се појавуваат кога водењакот ќе пукне и породувањето почне, а мора да се заврши со непланиран ЦР. По царскиот рез и закрепнувањето трае подолго.

Предности за мајката

Царскиот рез ја намалува можноста за оштетување на органите сместени во карличната зона – мускулите кои ја држат матката, бешиката и другите абдоминални органи. Затоа многу жени му даваат предност на овој начин на породување. Во тек на вагиналното породување, минувањето на главата на бебето низ породилниот канал, може да се оштетат нервите и мускулите во гениталниот дел на телото. Тој ризик се зголемува доколку се употреби форцепс, кој може да предизвика постпородилна неможност да се задржи урината. Но, овие потешкотии за среќа кај многу жени се повлекуваат брзо.

Вие бирате

Дали сакате царски рез или вагинално, природно породување? За ова можете да решите сами. Двата вида породување денес се сметаат за високо безбедни процедури. Загриженоста на жените во врска со начинот на породување, зависи од степенот на болка и времето за закрепнување по породувањето. Во секој случај не заборавајте дека не постојат две исти породувања. Многу често, жените кои ги искусиле и двата вида породување, различно размислуваат за тоа на кој начин ќе се породат. Некои од нив без размислување повторно одат под нож, а други се плашат од помислата на рана која боли со недели.

Како да се подготвите за царски рез

Ако сте запознаени со фактот дека ќе се породите на овој начин, можете да се подготвите на посебни курсеви за трудници. Непосредно пред почетокот на зафатот можете да барате локална анестезија и присуство на сопругот (партнерот) во тек на породувањето, дополнителни информации од лекарот и медицинските сестри и контакт со новороденчето веднаш по породувањето.

Како се изведува операцијата

Првиот чекор е ставање анестезија. За разлика од општата анестезија, која ве заспива, можете да барате локална, па да бидете будни во тек на породувањето. Важно е да се подготви интравенски пат за надохнадување на потребните течности, а катетерот во бешиката ќе овозможи уринирање. Стомакот се дезинфицира, а ако е потребно се отстрануваат влакната во тој дел и во интимната зона, за да биде чисто оперативното поле. Резот на кожата и стомачниот ѕид може да биде хоризонтален или вертикален. Многу жени инсистираат на низок, хоризонтален рез, во бикини зоната. Понекогаш мора, кај некои итни царски резови да се направи вертикален рез. Потоа хирургот низ тенкиот слој од подстомачните мускули стигнува до бешиката, која ја поместува на страна. Резот на матката претходи на отворањето на водењакот, раѓањето на детето и вадењето на постелката. По породувањето, се пристапува кон шиење на матката, стомачниот ѕид и кожата.

Колку трае закрепнувањето

По царскиот рез во болница се седи 5- 7 дена. Родилката треба да знае за важностса на раното станување и движење по зафатот, за да се избегнат опасности како тромбоза или воспаление на белите дробови. Можете да почувствувате зголемено создавање цревни гасови, болка од резот или неколку контракции кои настојуваат да ја вратат матката во нормална големина. Конците се отстрануваат по 7 дена од операцијата. Треба да избегнувате кревање тешки предмети и извршување напорни рабпти. По 6 недели можете да им се вратите на секојдневните активности. Промените во расположението и благата депресија се нормални појави по породувањето.